Кариерно советување еден-на-еден за средношколци и студенти | NewMan's Business Accelerator

Кариерно советување еден-на-еден за средношколци и студенти

Promo Duration
10/01/2017 to 23/12/2017

Кариерното советување е наменето да ти помогне навремено да одлучиш каде сакаш да го продолжиш твоето образование и/или кариера и навремено и најдобро да се подготвиш за што поскоро да стигнеш таму. Преку доверлив и колаборативен процес, ќе работиме заедно и ќе разговараме за твоите кариерни желби, цели и планови и кои се можните следни чекори што ќе те донесат таму. Ова може да вклучува носење долгорочни одлуки како избор на кариера, факултет, насока, постдипломски студии, локација или пак краткорочни стратегии и тактики поврзани со барање на пракса, прво вработување и подготовка за конкретни интервјуа.

Советувањата со мене ќе ти понудат безбедно место каде ќе можеш да разговараш за твоите размислувања, чувства и дилеми поврзани со академски и кариерни одлуки. Како што ќе почнеш да ги разбираш различните фактори кои влијаат на кариерните одлуки (како интереси, вештини, вредности, лични карактеристики, надворешни влијанија, ограничувања, и друго) така ќе почнеш да развиваш вештини и способности да ја менаџираш својата кариера сега и во иднина.

Што е она што НЕ МОЖЕШ да го очекуваш од советувањето?

Нема да ти кажам што треба да направиш со својот живот или која одлука е апсолутно најдобра за тебе. При носење на големи животни одлуки ти си главниот(та) што одлучува што е најдоброто за тебе, што чувствуваш дека е најправилно да направиш, и што ти е најважно тебе како личност.
Нема да те промовирам или препорачам за вработување во некоја компанија, само затоа што доаѓаш на кариерни советувања, доколку не сметам дека си спремен за конкретната работна позиција, не мислам дека си ги направил сите неопходни подготовки или дека твојот профил е соодветен за истата.

Што е она што МОЖЕШ да очекуваш за време на средбите?

Имам огромно искуство за процесот на носење на кариерни одлуки и ќе разговараме за стратегии, тактики и ресурси кои ќе ти помогнат да одлучиш и да одиш напред. Нема да можам да ти ги дадам сите одговори, но ќе можам да ти помогнам да ги најдеш полесно и побрзо за себе, да донесеш информирани одлуки и да ги превземеш неопходните чекори во вистинскиот правец. Истовремено ќе бидам твој независен слушател, твој искрен критичар и твој најгласен поддржувач, и ќе ти помогнам да ги организираш своите мисли и емоции.

Нашите сесии ќе ти помогнат да:
- Заземеш активна улога во својата кариера и со самодоверба носиш стратегиски одлуки и планови
- Се разбереш себе си и твојата приказна, и дизајнираш кариерен пат што најмногу ти одговара
- Ги увидиш и прифатиш своите силни и слаби страни
- Направиш план и преземеш конкретни чекори да ги искористиш силните, а надминеш или намалиш слабите страни
- Разбереш и споредиш стратегии за барање работа и идентификуваш важни ресурси
- Креираш ефективно CV, мотивациско писмо и портфолио кои ќе те доведат побрзо до пракса и вработување
- Ги подобриш вештините за водење на интервју
- Ги подобриш вештините за преговарање за плата и унапредување
- Одлучиш дали започнувањето на сопствен бизнис е вистинскиот чекор за тебе
- Ги предизвикаш и надминеш уверувањата кои те држат заглавен(а) преку анализирање на бариерите, претпоставките и предрасудите
- Се организираш, поставиш јасни кариерни и академски цели и научиш да го менаџираш процесот
- Добиеш објективна поддршка, помош и разбирање

Доколку навистина сметам дека заслужуваш некоја работна позиција можам и лично да те препорачам за истата.

Како најдобро да се подготвиш за средба и максимално да го искористиш времето?

Ако одвоиш малку време да размислиш за прашањата што сакаш да ми ги поставиш, за тоа што го знаеш и за твојата досегашна академска и кариерна приказна, како и за твоите аспирации, многу ќе ни помогне да водиме фокусиран разговор и да го искористиме времето најефикасно. Во зависност од тоа за што сакаш да разговараме корисно ќе биде да понесеш твое CV, портфолио или други материјали што сметаш дека би биле корисни.

Што се очекува од тебе после секоја средба?

Да ја сработиш "домашната задача" што ќе ти ја зададам на крајот на средбата и да го презентираш сработеното на следната.

Колку средби се доволни и која е цената?

Во зависност од темата и областите на кои ќе работиме вообичеано се потребни 2 до 5 средби за постигнување на целта. Исклучиво ти одлучуваш на колку вкупно средби ќе дојдеш. Советувањата се реализираат во работни денови од 8:00 до 16:00 часот, а по исклучок може и попладне. Цената за 1 час средба за средношколци е: 1800 денари, а за студенти е 2400 денари (после секоја 3та сесија следува 1 гратис).

Subject Mentor

Irena Chaushevska

Irena Chaushevska

Founder & CEO at NewMan's Business Accelerator